Попладнево од 14 часот ќе се играат реванш натпреварите од 1/4 финалето во Купот на Македонија. Секако дека дербито се игра на Арената во Скопје, каде Работнички ќе се обиде да ја елиминира Шкендија и да се наметне како сериозен кандидат за освојување на својот петти трофеј во ова натпреварување. Да потсетиме дека на првиот меч под Шара беше 1:1. Од друга страна Шкендија нема намера така лесно да се предаде, напротив. Во секој случај ќе гледаме неизвесен реванш.

А.ПАНДЕВ ПРЕД ПОРТИТЕ НА ПОЛУФИНАЛЕТО

Во Струмица пак А. Пандев ја дочекува екипата на Шкупи. „Пандевци“ се пред портите на полуфиналето, посебно ако се знае дека тие од првиот меч од Чаир донесоа 1:0. Значи на нив и реми им одговара, не смеат само да загубат. Интересно е тоа што во изминатите два-три дена, и двете екипи останаа без своите стратези Тренчовски и Османи, па денеска ќе бидат предводени од В.Д. тренери. Во Струга, во второлигашкото дерби, екипата на Лабуништа ќе се обиде да ја мине силната Брегалница и да испише клупска историја. Сепак, штипските „сини“ се во предност, тие имаат 1:0 од првиот меч и имаат свои желби и амбиции, секако и неспорен квалитет. И под Шара домашната Ренова ја дочекува Струга ТЛ. Овде ќе биде супер интересно, првиот меч во Струга заврши без голови, значи во мала предност се гостите, но „гипсарите“ играат во добра форма, а покажаа оваа пролет дека знаат како се победува Струга ТЛ, славеа во второто пролетно коло под Шара со 2:0.

Да потсетиме дека во случај на идентични резултати како на првите мечеви, нема да има продолженија туку веднаш ќе се изведуваат пенали.

ДВОЈКИ – ДЕНЕСКА (14:00 Ч)

РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА (1:1)

РЕНОВА – СТРУГА ТЛ (0:0)

А.ПАНДЕВ – ШКУПИ (1:0)

ЛАБУНИШТА – БРЕГАЛНИЦА (0:1)

*Во загради се резултатите од првите мечеви