Ако сака финале, за првпат во својата куса клупска историја, екипата на Струга Трим Лум ќе мора во полуфиналето да ја мине Шкендија, веројатно најквалитетниот тим во Македонија во моментов, барем според имињата.

Дали тоа ќе биде невозможна мисија, посебно ако се знае дека тетовци претходно ги елиминираа Вардар и Работнички, останува да се види.

„Нема што многу да се коментира. Секако не сме задоволни од ждрепката, ни се падна најтешкиот можен ривал. Шкендија за сите беше најнепосакуван противник, и ете ние ја добивме. Од друга страна нема предавање. Струга Трим Лум во секој случај има намера жестоко да се бори против фаворитот за пласман во големото финале“ изјави за СПОРТМЕДИА тренерот на стружани Јетон Беќири.