Од кога постоел фудбалот имало замерки кон судиите, и Македонија не е имуна на такво нешто, но не се памети во еден ден, да има толку многу судиски грешки како денеска во мак – фудбалот. И како последица на тие грешки има соопштенија, обвинувања. Навистина денеска се случи СУДИСКО ПОМРАЧУВАЊЕ…

Да тргнеме од почеток, од дербито во ПМФЛ меѓу Работнички и Академија Пандев. Нема дилеми, посебно не откако во неколку наврати ќе се види на ТВ снимката дека голот на Виктор Велковски во таа 56.минута е спорен, поточно од офсајд. Тука грешка прави помошникот на Качевски кој е во линија и мораше подобро да ја види целата ситуација.

ИСТОКОТ НАВИСТИНА „ГОРИ“…

На истокот не само помрачување, туку и КОМЕДИИ. На истокот „ГОРИ“, и допрва ќе ГОРИ. Каков ли само пенал е „дувнат“ во Гевгелија на средбата меѓу Кожуф и Осогово, по кој гевгеличани победуваат. Потоа во Пехчево по голот на Кит Го реакција на Тиквеш. Навистина смешно делува целата ситуација кога помошникот дига офсајд а главниот судија Младеновски покажува на центарот и го признава голот. Секако не се оправдува жестоката реакција на играчите на Тиквеш кон судијата. Тука мораше да има црвени картони, но кој да ги даде. По мечот Тиквеш излезе со соопштение во кое директно го обвини Младеновски за судиска кражба, а го споменува и првиот човек на Брегалница. Премногу се гневни кавадарчани. Од Прилеп пискотници, тие сметаат дека имало судиски грешки од страна на Костенчев со кои и помогнал на Брегалница да победи. Тие тука најмногу замеруваат на пеналот за „сините“. Излив на гнев има и од таборот на Плачковица. Оваа екипа загуби во Каменица од Саса со 3:0, но на 1:0 на Плачковица и се поништени два гола, тие велат дека тоа биле чисти голови, регуларни, и дека судијата драматично ги оштетил.

Кога сме кај истокот да го кажеме и ова. На три натпревари, при резултат 0:0 се свират пенали во корист на Брегалница, Беласица и Кожуф. И тие екипи победуваат.

Денеска се играше фудбал и во Втората лига – запад. Но од таму, барем досега, нема којзнае какви реакции за судиски грешки и киксови.