Македонскиот тим со победа се враќа од гостувањето кај Нексе во рамките на првиот четвртфинален натпревар во СЕХА-лига. Бранителот на титулата во регионалното натпреварување славеше со 30-31, благодарение на подобрата игра во вториот дел, останува во Скопје на 15. овој месец да го потврди триумфот за да се најде на фајнл-фор завршницата.

Прво име во редовите на македонскиот тим беше Дибиров со 12 погодоци од исто толку обиди, Скубе со шест погодоци беше втор стрелец.

Вардар не поведе ниту еднаш во првото полувреме, лошо влезе во мечот, домашниот тим поведе со 6-3, позитива која ја одржуваше во голем дел во овој период од играта. Нешто подобра игра видовме во 21 минута, со серија од 3-0 „црвено-црните“ изедначија на 13-13, на полувремето беше 15-15.

До првото водството Вардар дојде четири минути во второто полувреме, со серија два гола на Толедо и Дибиров за 16-17. Нексе сепак успеа да дојде на максимални плус четири (24-20), па Алушовски повика тајм-аут.

Веднаш не вроди плод, но  минута подоцна со серија од 6-1, вардарци го запишаа второто водство 27-28 (во 53. минута) на овој натпревар, и тоа благодарение на Дибиров. Благодарение на втората интервенција на Ристовски во второто полувреме и погодок на Горбок, Вардар за првпат поведе со плус два (29-31) на две минути до крајот.

Нексе намали на 30-31, Скубе промаши за сигурна победа, но Ристовски спаси со седмата одбрана на мечот.