За разлика од АБА 2-лига, МЗТ Скопје е одличен во домашниот шампионат. Бранителот на титулата на домашен терен им одржа лекција на кошаркарите на Еуроникел совладувајќи ги со 93-60 (20-13, 23-18, 29-10, 21-19) во рамките на последниот меч од 17. коло во Првата лига.

Со триумфот број 14, МЗТ Скопје и натаму е лидер, на два бода пред Работнички и Гостивар.

Избраниците на Ѓорѓи Кочов отворија со серија од 9-0, во петата минута поведоа со двоицфрени 14-3 и до крајот не им дозволија на гостите да помислат на победа. Играа сигурно, го наметнаа своето темпо, кое за кавадарчани беше тешко прифатливо.

На овој начин, МЗТ Скопје му се одмазди на Еурникел за поразот на гостински терен.

Новото засилување, Олуџоби и овој пат беше прво име на теренот со 22 поени и 6 скока, зад него Стојановски со 14 поени и Крстевски со дабл-дабл од 13 поени и 12 скока. Кај Еуроникел ниту еден кошаркар не успеа да запише двоцифрен број на поени, Караколев и Марзет имаа по девет поени.

И покрај поразот, Еурникел ќе остане на петото место на табелата со бод повеќе од Куманово.