Манчестер Јунајтед му ги урна и онака малите шанси на Манчестер Сити за титулата во Премиер лигата. „Црвените ѓаволи“ вечерва на домашен терен го победија градскиот ривал со 2:0 со гол на Антони Марсијал во првото полувреме и Мектомини во последните секунди.

Бруно Фернандеш изведе слободен удар, а Марсијал со волеј ја затресе мрежата на гостите. Во оваа ситуација вина има и Едерсон кој лошо реагираше при ударот на францускиот репрезентативец.

Серхио Агуеро ја затресе мрежата на Де Геа на почетокот на вториот дел но судијата Мајк Дин досуди офсајд. Во 75 минута „граѓаните“ имаа уште една шанса за изедначување меѓутоа ударот на Габриел Жесус го спаси Де Геа.

Во седмата минута од судиското продолжение Скот Мектомини постигна гол за конечни 2:0 за Манчестер Јунајтед.

Марсијал даде гол во двата првенствени натпревари против Манчестер Сити оваа сезона нешто такво претходно му успеало на Роналдо во сезоната 2006/07. Во декември на „Етихад“ Јунајтед славеше со 2:1.