Искрено не е преголемо изненадување тоа што Борец ја победи Шкендија, така беше и во август, посебно ако се знае дека велешани добро играат на свој терен, но изненадување е тоа на каков начин четата на тренерот Горазд Михајлов славеше над шампионот.

Борец едноставно ја згази Шкендија, и играчки и резултатски, во секој поглед беше доминантен, и на крајот заслужено се радуваа сите во Борец по тие 4:2.

„Еве искрен да бидам, јас пред мечот верував дека ќе ја победиме Шкендија, но не верував дека ќе ја декласираме. И затоа искрени честитки за моите играчи, за тоа дека во целост го исполнија сето она што се договоривме пред натпреварот. Борец повеќе ја посакуваше победата, одигра фантастично, борбено, ние знаевме во детали што треба да се направи. И сега на крај криво ми е што во финишот ги примивме тие два гола, но тоа не го менува крајниот впечаток. Можам да кажам само секоја чест за сите во Борец. Од друга страна пак Шкендија како да беше премногу самоуверена дека ќе победи, како да заборави на тоа што и се случи во август. Но тоа е нивна работа“ вели за СПОРТМЕДИА тренерот на велешани Горазд Михајлов.

НЕ СЕ ПРЕДАВАМЕ, БОРЕЦ МОЖЕ ДА ИЗБОРИ ОПСТАНОК

Со оваа победа Борец и тоа како се врати во „игра“ во битката за опстанок.

„Јас и пред стартот на новата сезона, токму за СПОРТМЕДИА,  изјавив дека ние имаме намера да останеме во Лигата. Дека верувам во овие момци, во мојата екипа, дека не се предаваме. Имаме квалитет, имаме борбеност и желба. Останува само да го поправиме билансот и на гости, и потоа работите ќе си дојдат на своето место. Пред нас е серија на тешки гостувања, играме со Македонија ЃП и Силекс, верувам дека можеме од тие две средби да се вратиме со бодови“ изјави Михајлов.