Градските власти во Базел наредија откажување на натпреварот од осминафиналето на Лигата на Европа помеѓу Базел и Ајнтрахт Франкфурт кој треба да се игра на 19 март на „Сент Јакоб парк“. Се работи за реванш мечот од ЛЕ, а првиот дуел во Франкфурт закажан во четврток ќе се одигра.

После консултација со кризниот штаб, полицијата во Базел и докторите одлучено е да нема фудбал во четврток во овој град. Приоритет ни е да ги заштитиме граѓаните поради ширењето на корона вирусот. Не сакаме да ризикуваме. Нема да има фудбал и тоа е конечно“, објавија од кантонот Базел-Штад во медиумите.

Во страв од ширење на КОВИД-19 градските власти одлучија да забранат играње на фудбал затоа што ниту полицијата ниту медицинските тимови не гарантираат безбедност. Ниту опцијата мечот да се игра без публика не доаѓа во предвид.

Оваа одлука боли, но застануваме зад неа. Ги слушаме властите. Тоа е наша одговорност. Ние ќе го одработиме нашиот дел. Ако е одлучено да не се игра, нема да играме без разлика што е меч од Лига Европа“, изјави директорот на Базел Роланд Хери.

Инаку швајцарската Супер лига не се игра веќе две недели. Федерацијата заедно со клубовите се договорија да нема фудбал во Швајцарија до април.