Денеска во Кавадарци се одржа прес конференција на клубови, кои сметаат дека се оштетени од судиите во саботното коло во Втората лига – Исток. Претставниците на Тиквеш (Миле Масларков), Победа (Миле Спиркоски) и Плачковица (Љупчо Димитковски – Гањо), уште еднаш излегоа со констатации дека судењето во саботата, во рамките на 16. Коло на Истокот, во најмала рака било лошо. Интересно е тоа што токму тие клубови во саботата попладнето излегоа и со соопштенија, во кои стоеше дека на нивните мечеви со Кит Го, Брегалница и Саса, биле драстично оштетени. На овој протест, барем според нивните зборови, се приклучиле и клубовите како Осогово и Питу Гули, кои исто така сметаат дека биле оштетени на средбите со Кожуф и Беласица. На пресот беше побарано од страна на ФФМ да преземе мерки во врска со судиската организација.

Инаку Масларков и Спиркоски го поставија и прашањето како е можно еден ист човек да биде сопственик на два клуба во Втората лига – Исток.