Влатко Стојановски седум меча е надвор од составот на тимот на Ним. Што се случува со нашиот напаѓач и зошто тој нема настап за Францускиот прволигаш уште од јануари, знае само тренерот Бернард Блакарт. Тој не му дава шанса на Стојановски, не го зема ниту во комбинација за настап, а очигледно дека тоа е фрустрирачки за така млад играч. Стојановски е доведен како засилување, играч кој е гладен за минутажа и голови, но ако не е на теренот, нема да го добие ниту едното ниту другото.

Ајде додека Ним имаше серија од четири победи што на гости што на домашен терен во февруари, и да се оправда одлуката на тренерот да не го менува составот, но сега Ним има три порази последователно од Рен, Олимпик Марсеј и Мец па веројатно ќе мора нешто да се менува.

Стојановски е наш сега веќе стандарден репрезентативец, доби шанса од селекторот Ангеловски и ја искористи, а неговиот статус нималку не ни оди в прилог пред клучните мечеви во Лигата на нации.