По објавите на социјалните мрежи на неколку наши репрезентативци и селекторот Игор Ангеловски, со апел за одложување на мечот со Косово закажан на 26 март во Скопје се јави и капитенот на нашата репрезентација, Горан Пандев.

„За мене пласманот со Македонија на Европско првенство е многу повеке од сите освоени титули. Живееме за слика од нашиот стадион со трибини покриени од навивачи во црвено-жолта боја, кои ке ни дадат сила и мотив да го надополниме се она што фудбалски го пропуштивме во последните 20 години. Дајте ни шанса за вистински спектакл, дајте ни шанса со нашите навивачи да се радуваме на победа и да бидеме на чекор од европско првенство.

Здравјето е најважно и секогаш се молиме за тоа. Но дајте ни можност да го оствариме и се она за што сме го сонувале како деца. За доброто на сите, одложето го натпреварот. И заради здравјето и затоа што е фер и спортски“, се вели во пораката на Пандев на Инстаграм.