Македонската ракометна репрезентација „дебело“ го плати цехот на неуспех на изминатото Европско првенство. Нашата земја по подолго време се најде во вториот шешир пред ждрепката за Мундујалот, кој следната година ќе се одржи во Египет.

Но, ова не е најлошата вест. За пласман на ново големо натпреварување, ракометарите ќе морат да ја добијат селекцијата на Франција, мисија која дефинитивно е невозможна. Иако на последниот евро-шампионат киксираа, сепак силите на теренот се јасни. За победа во бараж двомечот ќе ни биде потребно чудо.

Доколку не се случи тоа чудо, постои мала надеж или сламка за спас. ИХФ ги нема доделено двете вајлд-карти, се очекува тоа да го стори по завршување на бараж натпреварите. Доколку нема изненадување на истите во тој случај може да очекуваме една од вајлд-картите да и припадне на Македонија.

За потсетување на Светското првенство во Египет ќе учествуваат 32 репрезентации, пласман веќе имаат обезбедено Египет, Данска, Хрватска, Норвешка, Шпанија, Алжир, Ангола, Капе Верде, Конго, Мароко, Тунис, Бахрерин, Јапонија, Катар, Јужа Кореја, Аргентина, Бразил и Уругвај.

Останатите десет места од Европа ќе бидат потполнети преку бараж натпреварите. Две репрезентации доаѓаат од Јужна и Централна Америка и Северна Америка и Карибите.

Последните две места ќе бидат потполнети по пат на вајлд-карти.

Светското првенство ќе се игра од 14 до 31 јануари следната година и тоа во пет градови: Каиро, Шарм Ел Шеик, Хургада, Суез и Луксор.