Во последниот меч од регуларниот дел во АБА 2, кошаркарите на МЗТ Скопје, вечерва од 18 часот, во празната сала „Јане Сандански“ го дочекуваат тимот на Ловќен. Откако се знае дека „металците“ во секоја варијанта ќе играат во плеј-офот во ова натпреварување, сега ќе се бие битка како да се избегне полуфиналниот дуел со првиот, односно најдобриот тим во Лигата, а тоа е Борац Чачак.

Секако дека на момците на тренерот Ѓорѓи Кочов потребна им е победа, но исто така тој пласман зависи и од останатите мечеви во ова последно коло.

Самиот Кочов признава дека МЗТ Скопје го очекува тежок натпревари, дека Ловќен е квалитетен тим и ако неговиот состав сака победа, а секако дека сака, тогаш треба да одигра максимално квалитетно.