Кошаркарите на МЗТ Скопје А. минимално го совладаа Ловќен во Скопје со 75:74 и успеаја да го потврдат пласманот во втората фаза од АБА 2 лигата.

Во првата четвртина МЗТ Скопје почна одлично. На средина на првиот период домашните веќе направија предност од 8 поени (18:10). Ловќен во финишот успеа да се соземе и да намали од предноста на нашиот шампион, но аеродромци замина на прв одмор со +5 (27:22).

За разлика од првата, во втората четвртина сосема поинаква слика. По само три минути игра Ловќен веќе ја спушти негативата на минус 2 (33:31) и стана јасно дека некои работи во нашиот тим не функционираат како што треба. До одморот, гостите комплетно ја стопија негативата, па на пауза заминаа со предност од еден поен, 41:42.

Во третиот период продолжи колебливата игра на „штрковите“, а гостите успеаја да ја зголемат предноста. До крајот на овие 10 минути, Ловќен веќе направи предност од 6 поени и полека почна да се надева на изненадување.

Сепак, драмата во празната арена „Јане Сандански“ продолжи во последниот период во кој момците на Кочов најдоа сили за успех и потврда на второто место на табелата. По константната предност на гостите, МЗТ успеа на 5 минути пред крајот за првпат, по подолго време, да дојде во водство (71:70). Неизвесноста продолжи се до крајот, кога нашиот првак со двата поена на Маслинко стигна до 75:74, по што следуваа неколку промашени шутеви за 2 и 3 поени и на двете страни, а МЗТ Скопје успеа да ја сочува предноста за 13-тата сезонска победа во АБА 2 друштвото.

Дамјан Стојановски постигна 17 поени, додека по 15 имаа Младеновски и Милоевиќ. Сега останува да завршат и сите преостанати средби, за и дефинитивно да биде потврден противникот на МЗТ Скопје во плеј-оф фазата.