Ракометарите на Охрид успеаја да му го нанесат првиот пораз на лидерот Металург во тековната сезона на ракометната Суперлига. Во меч од 17. коло одигран денеска во Охрид, домашниот тим со пресврт во вториот дел успеа да дојде до победа со 22:20 и со тоа да ги испрати „металурзите“ поразени.

Во првиот дел од средбата видовме израмнет дуел, но на крајот на 30-те минути, Металург успеа да замине на пауза со предност од еден гол. И на почетокот на второто полувреме лидерот се одржуваше во предност од еден гол, се до втората половина од второто полувреме, кога Охрид успеа да направи предност од два гола, која на крајот успеа да ја претвори во 14-та сезонска победа, со која дојде на само еден бод негатива во однос на денешниот противник. Кривокапиќ со 7 гола ги предводеше охриѓани до големата победа.

Во вториот меч кој денеска веќе беше одигран, младите ракометари на Вардар Јуниор успеаја лесно да дојдат до победата над Работнички со 40:24. Карапалевски со 8 постигнати гола беше предводник на младите „црвено-црни“.