Кога некој не знае да ги искористи шансите следува казна. Така беше вечерва на „Енфилд роуд“ каде Атлетико Мадрид го елиминира европскиот шампион и тоа по продолженијата (победа со 3:2). А како беше во 90-те минути се чинеше дека „јорганџиите“ ќе попуштат и ќе се спакуваат. Тотално беа надиграни, напикани на својата половина, а Јан Облак бранеше се и сешто. Вајналдум постигна гол за водство на Ливерпул, а потоа словенечкиот голман одбрани удари на Мане, Салах, Трент-Александер, Вајналдум… Но „црвените“ неколку пати беа во идеална шанса но шутираа или покрај или над голот.

Во 91 минута по еден од ретките слободни удари на Атлетико, Саул постигна гол кој беше поништен поради офсајд. Така се отиде во продолженијата затоа што по 180 минути резултатот беше 1:1 (вечерва 1:0, на првиот меч Атлетико победи со 1:0).

А таму Роберто Фирмино го најде лекот за Облак. Се најде на вистинското место и одбиената топка ја смести во мрежата. А потоа туш на Енфилд. И тоа ладен. Голманот Адријан лошо исфрли една топка, а Маркос Љоренте ја користи грешката и постигнува гол за 2:1. А истиот играч во 105 минута со шут од далечина вторпат го совлада Адријан за изедначување и практично елиминација на бранителот на европскиот престол.

А Љоренте, инаку поранешен играч на Реал Мадрид, влезе во игра во второто полувреме од натпреварот. А во последните секунди од второто продолжение, контра-напад на „јорганџиите“, Мората истрча напред и лесно го совлада Адријан за конечна победа од 3:2 на жешкиот „Енфилд“.

Така Европа ќе добие нов владетел затоа што Ливерпул е елиминиран па на овој тим му остана уште да ја одработи задачата во Премиер лигата и да ја освои титулата после три децении.

Атлетико после 2017 година повторно ќе игра во четвртфиналето на Лигата на шампионите.