Пишува: Огнен Дојчиновски

Никако да излеземе од таа наша „мантра“ дека секој одигран натпревар во младински категории на националните селекции мора да се добие со цел да се оправда нешто. Тоа мора да се промени веднаш, за да не се случува она што се случи денес на натпреварот Македонија У17 – Црна Гора У17 одигран на терените на Фудбалската федерација на Македонија.

Одлично време, терен идеален за игра, битка на две селекции, млади момчиња желни за докажување. Гостите поведуваат во вториот дел со убав гол, нашите тргнуваат да возвратат. Долга топка за Гуџуфи, играчот на Вардар враќа на петерец топката удира во еден од црногорските дефанзивци.

Судијата Младеновски досудува пенал, кој можеби беше можеби не, топката многу поверојатно играчот го удри во глава не во рака. Настанува во најмала рака општ хаос. Црногорците се бунат, па пробаа да напуштат, па се вратија, па се степаа со нашите репрезентативци, па настана општ хаос.

„Држ-недај“ ситуација, се вмешаа сите, селектори секретари, прекин десетина минути. Судијата Младеновски, „виновникот“ за овој хаос, потоа се фати за задниот џеп, го извади црвениот картон, и почна да исклучува се и сешто. Од играчи на терен, од резерви, од секретари, па се до нашиот селектор Драган Канатларовски Цапар кој нормално влезе да ги смири своите избраници.

Откако пет шест актери на овој меч заминаа зад „оградата“ на теренот на ФФМ, Георг Стојановски ја презеде улогата на изведувач на пеналот, и за да оваа глупава ситуација кулминира, истиот го промаши односно Црногорскиот голман одлично интервенира. А до крајот ние имавме уште една шанса, Стојановски со глава одлично шутира но голманот на противникот има свој ден. Ја вади топката „од ќош“ и останува позитивата за Црна Гора.

Сите присутни коментираа дека немаше потреба од вакво нешто, ниту пак нам победа или пораз нешто ќе ни променеше. Двомечот со Црна Гора го завршивме 1:1 во дуели. Првиот го добивме вториот го загубивме.

Дали нашиот национален тим до 17 години ќе беше подобар доколку го добиевме и вториот меч. Не. Дали сега сме послаби, не.

Едно да разбереме, во младинските категории не се бара резултат, се бара создавање на база, играчка која треба да биде поткрепа за У21, а подоцна и за сениорскиот национален тим. И ништо друго. Со работа на терен, со тренинзи со развој на талентите кои несомнено ги имаме. Не со ПЕНАЛИ. Само така нашиот фудбал ќе оди напред, само така ние ќе заминеме на Европско првенство младинско или сениорско, само така ќе создадеме нов Пандев, Елмас, Николов… и никако поинаку.