Шпанскиот фудбалски клуб Леганес ги откажа сите тренинзи и се стави во комплетна изолација откако нивниот генерален директор Мартин Ортега бил позитивен на корона вирусот на тестирањата. Тимот од Мадрид ја потврди оваа вест посочувајќи дека сите што биле во контакт со Ортега ќе се тестираат и ќе бидат ставени во карантин.

Од клубот соопштија дека ниту еден фудбалер, ниту тренер не бил во контакт со Ортега во изминатите денови, но како мерка за претпазливост се откажани сите активности во наредните денови.

Ортега е отпуштен од болница на домашно лекување и се чувствува добро, па наредните денови ќе ги помине во карантин. Претходно мерки на изолација презеде и фудбалскиот клуб Реал Мадрид откако во кошаркарскиот клуб беше потврдено дека неколку играчи биле позитивни на КОВИД-19.