Македонските репрезентативци, Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски настапуваат во тимови кои се дел од францускиот шампионат, земја која спаѓа во категоријата на високо ризични земји по бројот на заразени од коронавирусот.

Градот во кој живее капитенот, Стојановски, Гравелин, засега нема лица кои се заразени со вирусот, но клубот веќе превземал мерки, откако тамошната федерација ги одложи сите натпреварувања. Кошаркарите нема да имаат тренинзи до среда, по што сите ќе добијат нови инструкции.

„Од клубот не информираа дека не смееме да се вратиме во наште земји, се плашат да не затворат границите. Првичниот план е да не тренираме до среда, па потоа ќе имаме нов состанок. Нема да биде за изненадување доколку целосно го прекинат првенството. Во мојот град нема заразени со коронавирус, нема ниту паника“, ни изјави капитенот.

Стојан Ѓуроски и Евре исто се на пауза. Тренинзите се одложени, но овој град е близу до Париз, вели дека се чувствува паника меѓу луѓето.

„Не тренираме, веќе сте информирани дека првенството е стопирано. Од клубот не дозволуваат да заминеме, се чека конечна одлука дали ќе продолжи првенството или пак може ќе донесат истото да заврши, како што е пракса во Литванија. Ги почитуваме препораките, нашиот град е близу до Париз, па мора многу да внимаваме. Не знаеме што ќе биде, чекаме следни информации од клубот, тие ќе бидат по викендот“, ни рече Ѓуроски, кој игра во втората лига.