Спортот сигурно ќе биде „замрзнат“ најмалку еден месец доколку ситуацијата не биде подобрена. Коронавирусот направи вистински хаос, во моментов ретки се земјите во кои се играат натпревари.

Многумина се прашуваат што ќе се случи доколку една земја прогласи вонредна состојба и првенството биде целосно прекинато, кој ќе биде прогласен за шампион?

КФСМ нема регулативи доколку дојде до сето ова, ниту пак ФИБА. Никој не претпоставува дека би можело да дојде до пандемија, што пак е нормално.

Доколку се прогласи вонредна состојба во Македонија и кошаркарското првенство биде прекинато, поточно нема да биде доиграно, во тој случај одлуките кој ќе биде шампион и дали ќе биде прогласен истиот, ги носи КФСМ во консултација со надлежните органи и секако со согласност на претставниците на клубовите.

Овој проблем е навистина комплексен, особено ако се земе во предвид дека сите клубови кои ќе се изборат за место во Супер-лигата имаа еднакви шанси да се изборат за титулата. И не се само прволигашите, тука се и екипите кои се натпреваруваат во Втората лига и чиј сон е да се најдат во „елитата“.

Единствениот пример за прогласување на шампион во Европа доаѓа од Литванија. Тамошната федерација одлучи првопласираниот тим, во случајов Жалгирис да биде првак за оваа сезона.

За конечни заклучоци има време, ќе се чекаат мерките од Владата, ќе се прати ситуацијата, а дури потоа ќе се носат одлуки.