Американските кошаркари кои настапуваат во македонските тимови вечерва ја напуштаат нашата земја. Ова е последна шанса да се вратат кај своите семејства откако Владата донесе одлука да ги затвори сите копнени граници и да го затвори скопскиот аеродром.

По Американците во Работнички, ФМП и МЗТ Скопје, куферите ги спакуваа и Алекс Вашингтон Марзет од Еуроникел и Донован Доналдсон, малком Армстед и Ентони Ли од Гостивар. Челниците на клубовите очекувано им дозволија да си заминат со оглед на моменталната ситуација со коронавирусот.

Веќе пишавме дека актуелниот бранител на титулата, МЗТ Скопје ги ослободи сите странски кошаркари. Веруваме дека ситуацијата не е поразлична и во останатите клубови.

Сето ова води кон едно, а тоа е дека мак-првенство е пред целосен прекин, екипите не тренираат, ниту пак ќе можат тоа да го сторат. Салите, стадионите се затворени, во овој момент сите можат само индивидуално да ја одржуваат формата.