Клубот Бруклин Нетс вечерва потврди дека четворица играчи на екипата се позитивни на коронавирусот со тоа што тројца се со лесна клиничка слика, додека кај едниот ситуацијата е нешто посериозна. Тестовите биле направени по враќањето на тимот од Сан Франциско каде што играле меч. Еден од нив претходните денови имал температура, а другите немале никакви симптоми.

„Сите четворица играчи се во изолација и под мониторинг на лекарите. Ќе се тестираат сите оние што биле во близок контакт со заболените играчи, вклучувајќи ги и играчите на противничкиот тим“, соопштија од Нетс.

Од клубот не соопштија за кои играчи се работи, меѓутоа само неколку минути подоцна се јави Кевин Дурент на социјалните мрежи кој потврди дека е меѓу заразените.

Бројот на заболени кошаркари во НБА се искачи на седум. Руби Гобер од Јута беше првиот позитивен на КОВИД-19. Потоа неговиот соиграч Донован Мичел исто така беше позитивен исто како и играчот на Детроит Кристијан Вуд.

А веднаш откако за Гобер беше потврдено дека има Корона, НБА ја суспендира лигата на 30 дена.