Премиер-лигата на утрешниот состанок ќе мора да одлучува како и на кој начин да се доигра актуелната сезона.  Она што е сигурно е дека челниците на оваа лига нема да се водат по тоа да се спаси сезоната, туку парите од ТВ правата. Околу три милијарди фунти треба да поделат Премиер-лигашите од правата за пренесување на мечевите, па се чини дека тоа е водечкиот мотив.

До крајот на сезоната има да се одиграат уште 92 меча. И сите нормално би биле пренесувани на телевизија. Секој натпревар ќе се игра без публика, на неколку терени и на три дена. Веројатно два меча на ист стадион во ист ден.

Во опција се два или три стадиони во областа Мидлендс, односно стадионите во Бирмингем, Лестер, а веројатно и Стоук. Помал број на терени, односно стадиони би значело и помало присусво на луѓе за организација на мечевите.

Целта на сево ова е Премиер-лигата да го исполни својот дел од договорот со носителот на правата, односно да ги одигра сите планирани мечеви, и што се вели да можат потоа да наплатат. За разлика од Шпанија и Италија, во Англија има нешто повеќе мечеви за одигрување, па на состанокот на УЕФА, тие децидно кажаа дека нема да можат да го финишираат шампионатот до јуни.