Првенствата „висат“, поради коронавирусот „замрзнати“ се сите натпреварувања, и истите нема да продолжат најмалку еден месец.

Федерациите бараат начин како да се доиграат натпреварите или дали воопшто треба да се доиграат, доколку ситуацијата не се подобри ќе мора да се најде начин околку прогласувањето на шампионот.

КФСМ денеска имаше состанок со клубовите, им даде рок од 24 часа да достават предлози, а потоа по консултации со ФИБА ќе биде донесена одлука во брзо време.

„На денешниот состанок со прволигашите, реализиран со посредство на конференциска видео-врска, беше договорено во рок од 24. часа, односно до 20.март (петок), до 12.часот, претставниците на десетте клубови од Првата лига-мажи, во писмена форма, да ги достават своите размислувања, предлози, сугестии, барања кои се поврзани со понатамошното функционирање на нашето најквалитетно натпреварување.

По разгледувањето на ставовите на прволигашите, во најкраток рок, во координација со ФИБА, раководството на КФСМ ќе донесе и конечна одлука околу тоа како, и дали ќе се реализира натпреварувањето во Првата лига за сезоната 2019/2020“, известија од КФСМ.