Со оглед на тоа дека во периодов, поради коронавирусот, фудбалот, па и оној нашиот прволигашкиот е во мирување, време е за статистика. Ако знаеме кој е прв, а кој втор или последен по 23. коло, тогаш ајде да видиме која екипа или екипи се најдобри во пролетниот дел, односно од 19 до 23 кола, во тие кола колку што се одиграа.

А табелата кажува дека Работнички собра најмногу бодови, вкупно 13 од максималните 15, и затоа е прв на оваа табела. „Романтичарите“ предводени од Ратко Достаниќ се во некој друг филм за разлика од есенскиот. Славеа на гости кај Струга ТЛ и Шкендија, дома ги победија со Шкупи и А. Пандев, а одиграа 0:0 со Вардар. Само тие и Силекс немаат пораз пролетва, но само тие немаат примено гол од игра. Единстениот гол што го примија беше од пенал, и тоа на мечот со Шкупи.

ОДЛИЧНИ И РЕНОВА И БОРЕЦ…

На второ место се наоѓа Ренова со бод помалку од Работнички. Откако во првто пролетно коло загубија од Силекс дома, „гипсарите“ се во серија од четири победи по ред. Одличен е и Борец, кој успеа да слави над Шкендија и Македонија ЃП. Вардар е солиден, има три победи, за малку ќе беше и четвртата, но Мицевски во 97 минута не успеа да реализира пенал на дербито со Работнички, односно Јанков одбрани. 

Шкупи тргна победнички, следуваа два порази и смена на тренерот Османи. Екипата ја презеде капитенот Бајрами и дојдоа победите. Шкендија е очајна, само еднаш блесна и тоа со екстремно слабите „лавови“. Шампионот не може да се препознае. Македонија ЃП пак има само една победа, и тоа со гол од контроверзен пенал против А. Пандев во 100 минута. Го сменија Шенсои, дојде Тасевски, но и тој не е којзнае каква гаранција дека работите ќе тргнат на подобро. Академија Пандев просто заборави коа последен пат победи, додека Струга ТЛ оваа пролет не е на своето ниво. И во двете екипи дојде до смена на тренерите.

ТОШЕВСКИ, КАДРИУ, АЛИМИ, РАДОВИЌ…

Ако Работнички си гази, тогаш младиот напаѓач на „романтичарите“ Давид Тошевски просто блеска. Тој со трите постигнати голови го „носи на грб“ својот тим оваа пролет. Со своите 18 години Давид е голема надеж на Работнички, но на мак-фудбалот. По три гола постигнаа и Кадриу (Ренова), Радовиќ (Борец) и Алими (Шкендија). Кога сме кај стрелците да кажеме дека Аврамовски, моментално првиот стрелец во Лигата оваа пролет погоди само еднаш, додена фрапантно звучи податокот дека од Бесарт Ибраими, најдобриот голгетер во историјата на ПМФЛ, уште чекаме на гол оваа пролет.

      ПРОЛЕТНА ТАБЕЛА

  1. РАБОТНИЧКИ 5 4 1 0 5:1 13
  2. РЕНОВА 5 4 0 1 8:3 12
  3. ВАРДАР 5 3 1 1 5:3 10
  4. СИЛЕКС 5 2 3 0 3:1 9
  5. ШКУПИ 5 2 1 2 8:7 7
  6. ШКЕНДИЈА 5 2 1 2 8:7 7
  7. БОРЕЦ 5 2 1 2 6:5 7
  8. МАКЕДОНИЈА ЃП 5 1 0 4 3:10 3
  9. А. ПАНДЕВ 5 0 1 4 1:5 1
  10. СТРУГА ТЛ 5 0 1 4 1:6 1

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ

3 – ТОШЕВСКИ (РАБ), КАДРИУ (РЕН), АЛИМИ (ШКЕ), РАДОВИЌ (БОР)

2 – ГАФУРИ (РЕН), ИВАНОВСКИ (СИЛ), ИМЕРИ (ШКЕ), ИСЕНИ (ШКУ), СЕРЏИО (ШКУ)