Македонскиот репрезентативец, Андреј Јакимовски пред два дена наполни 19 години. За жал нашата голема надеж поради состојбата со коронавирус имаше поинаков роденден. Во Торино ситуацијата не е ништо подобро, сите се во домашен карантин.

„Искрено, како одминуваат деновиве, станува се потешко и потешко. Среќа е што имаме маркет близу од каде можеме да се снабдуваме со оние основи продукти за нормално живеење, ако ова може да се нарече нормално“, вели Јакимовски, кој додаде:

Еве веќе две недели и повеќе, не сум допрел топка, а ситуацијата е крајно непозната. Никој не знае ништо, особено за оној спортски дел, кога дали, што… Ние го завршивме регуларниот дел, останува да го доиграме плеј-офот, ако воопшто се игра. Прочитав некаде дека има 40.000 и повеќе, заразени луѓе во Италија, но има подготвеност првенствата да продолжат. Кога, не се знае… Катастрофа… Не знам како планираат да се продолжи со играњето. Но ова веќе не се издржува. Но, што е, тука е… Старите добро рекле, трпение-спасение. Само ова да не потрае предолго, не е добро за никој“.

Другиот наш „Италијанец“ Марко Миловановиќ имаше повеќе среќа. Неговиот клуб порано ги заврши натпреварите, па стигна да го чекира авио-билетот за Скопје.