Од тим на кој му предвидуваа дека ќе се бори за опстанок, па до тим кој што, до прекинот на првенството, само тој има шанса да ја загрози титулата на Вардар. Ете тоа е Силекс, кој што оваа сезона, а посебно од октомври па се до пред две недели, игра навистина квалитетно. Последен пат кратовци загубиле на 23 октомври минатата година и тоа од Шкендија.

„Горди сме на овие резултати. Тоа е постигнато само со напорна и макотрпна работа. Еве ви еден податок, од тој 23 октомври па се до 11 март и последниот меч со Шкупи, ние имаме серија од 19 натпревари без пораз. Тука се 12 првенствени натпревари, еден куп дуел и шест пријателски средби на кој играше првиот тим. Силекс е клуб во кој секој си знае својата работа, играчите го даваат максимумот, па и повеќе од тоа, и кога е така тогаш се остваруваат амбициите. Штета што се прекина првенството, барем говорам од аспект на Силекс. Ни останува да бидеме фокусирани кога повторно ќе се вратиме на терените“ вели Горан Симов, шефот на стручниот штаб на Силекс.

НИ ГОДИ ТОА ШТО СМЕ ПРЕД ШКЕНДИЈА…

Интересно, од Кратово никогаш не можеш да чуеш изјава од типот дека сигурно ќе победиме, дека сме фаворити, дека противникот нема што да бара. А кога сме кај играчкиот кадар да кажеме дека во зимскиот преоден рок, тренерот Симов остана без најдобрите Дурански и Благојевиќ.

„Знаеме кој сме, ги знаеме нашите квалитети, инсистирам на скромност, но и жестока борба на теренот. Тоа играчите и го прават Нема непотребни изјави, непотребна еуфорија. Убаво е тоа што сме втори, ни годи тоа што сме пред Шкендија, пред актуелниот првак,пред најсилниот тим според имињата во лигата, но не застануваме тука. Одиме од натпревар во натпревар, наша цел е на крајот да имаме што повеќе бодови, а на кое место ќе завршиме, е тоа ќе видиме после 36 коло. Се разбира ако продолжи и кога ќе продолжи првенството“ изјавува за СПОРТМЕДИА Горан Симов, стратегот на Силекс, тим кој сезонава е вистински хит во Првата лига на Македонија.