По тие 3:2, по две години одново Р. Ирска ја дочекавме во Скопје. Тоа беше последниот натпревар од квалификациите за ЕВРО 2000, и тоа на 9 октомври 1999 година. 

На Градски околу 8.000 гледачи, меч кој не решава ништо за нас. Но затоа за сите во групата Р. Ирска, СР Југославија, Хрватска… од животно значење. Цапарот стартуваше со Филевски, Станиќ, Бабунски, Ставревски, Стојановски, Герасимовски, Јовановски, Седлоски, Шаиновски, Савевски, Христов. Играа и Беќири, Захариевски и Мемеди. Мик МекКарти одново на клупата на Ирците, а покрај другите настапија и Кели, Каскарино, Квин, Роби Кин, Стаунтон… одлична и квалитетна генерација. 

Во Скопје играа Македонија – Р. Ирска, а во Загреб пак Хрватска – СР Југославија. Освен Македонија, сите со шанса за пласман на ЕВРО 2000 или бараж. Хрватите по тие 2:2 со СР Југославија се чини сами се елиминираа. 

Прашање беше дали Ирците или Југословените ќе бидат први или втори во групата. На „Градски“ ирско водство уште во 18. минута преку Најџел Квин. 

Готово е, готово е си мислеа гостите од Даблин во таа 90. минута. На клупата славје, се радуваа на пласманот на ЕВРО 2000. Но тогаш на сцена стапи Горан Ставревски, нашиот стопер, кој го постигна голот на својата кариера. Една топка нафрлена од корнер, момчето од битолското село Поешево, со глава од неколку метри ја „закова“ во ирската мрежа. Нормално, радост на Градски, очај, гнев и тага кај Ирците, а супер среќа за Југословените (односно Србите и Црногорците). Е тој Ставревски со тој гол, со тие 1:1, ја однесе СР Југославија на ЕВРО 2000, а Ирците ги смести во баражот преку кој тие не успеаја да го видат ЕП. И се само заради Ставревски, кој засекогаш им остана најголемиот душман. 

На крај да споменеме дека овој натпревар, според медиумите во Р. Ирска, е еден од десете најголеми спортски трагедиии што им се случиле на Ирците во нивната историја.