Езџјан Алиоски, членот на Лидс, и еден од нашите најдобри фудбалери, за дуелот со Косово на 4 јуни во Скопје, но и за други работи, говори за фан страната на новинарот Решат Ибраими.

„Сакав тој натпревар да се одигра на 26 март, но беше одложен поради коронавирусот. Мислам дека и двата тима имаат многу талентирани играчи, тоа ќе биде интересен натпревар. Сметам дека имаме поискусен тим од Косово. Ако играме како што игравме за време на квалификациските натпревари и Лигата на нации, мислам дека сме блиску до победа. Нашиот тим е како семејство, ние си помагаме едни со други и надвор од теренот. Натпреварот со Косово ќе биде добра можност за сите нас да ги оствариме нашите соништа за играње на Европско првенство“, потенцира Џани.

МУСЛИУ ЌЕ ГО СТОПИРА ВЕДАТ МУРИЧИ…

Во продолжение од интервјуто, Алиоски вели дека Косово е тим за респект.

„Секако. Косово е изненадување од Лигата на нации. Имаат тим од млади и талентирани играчи, како Рашица, Муричи и уште многу други. Кога сме кај Ведат Муричи да кажам дека него ќе го чува нашиот Висар Муслиу, и мислам дека ќе го стопира. Да споменам дека имам пријатели кои играат за селекцијата на Косово, контактирам со нив, имам многу голем респект за сите нив“ вели Алиоски.

ВО ВРЕМЕ НА КОРОНАВИРУСОТ ТРЕНИРАМ ДОМА

И Алиоски, и неговиот Лидс, се во карантин за време на пандемијата која го покори целиот свет.

„Остануваме дома и секој играч на Лидс ја има програмата од техничкиот персонал за тоа како ќе вежба. Ги имам сите услови во мојот стан, фитнес, велосипеди. Немаме контакти со играчи, јас излегувам само со мојот тимски колега Коста кога трчаме. Малку е монотоно, но нема што да правиме, затоа што не зависи од нас. Првенството во Чемпионшип е откажано до 30 април. Секоја нова информација што ни доаѓа, ни се сервира “, заврши Алиоски.