Обично се кажува дека само ние знаеме во последна секунда да примиме гол, во последен момент да загубиме, дека некој таму горе има нешто против нас. Но, сето тоа се менува ако се потсетиме на 4. август 2011 година, на реванш дуелот од 3. квалификациско коло во ЛЕ меѓу Работнички и Анортозис.

Од Ларнака „романтичарите“ донесоа 2:0, но се знаеше дека реваншот иако го игравме дома, во Скопје, ќе биде пеколен. И како што обично се случува кипраните поведоа со 2:0, со шанси дури и за 3:0, но Столе спасуваше. И тогаш дојде таа 87. минута, тој момент за историја.

Крсте Велкоски нафрли од корнер до главата на Панче Ќумбев, а овој како што само тој знае просто ја „скина“ мрежата на Иванков. Гол за 1:2, гол за историски пласман во плеј-оф во ЛЕ, тоа беше првиот наш клуб со таков успех. Тоа беше гол за невидена еуфорија на Северната трибина кога сите 10.000 гледачи тогаш беа Работнички, прекрасна глетка.

Стрепеа уште десет минути, имаше долго продолжение, но на крајот сите се радуваа на овој голем, голем успех на мак – фудбалот, пред се на Работнички.  Тогаш играа Димитриевски, Ќумбев, Лазаревски, Богдановиќ, Д. Велковски, Настевски, Петровиќ, Тодоровски, Вујчиќ, Маневски, К. Велкоски. Играа уште Мицевски, Ф. Петковски, Ф. Глигоров. Тренер беше Горан Петрески, тогаш спортски директор на клубот беше Игор Ангеловски, а претседател како што е и сега, Драган Поповски. Сите тие беа заслужни за успехот на клубот од „Градски парк“.

Голот на Ќумбев може да го видете во 4.00 минута од видеото, следува и радоста со фантастичниот коментар на Златко Андоновски и Зоран Цветановски. 

Тоа беше ноќ за паметење…