Добро е познато дека спортот во Македонија е „замрзнат“ на неодредено време поради коронавирусот. Каранатинот најтешко им паѓа на спортистите, тие се најактивните личности во светот.

Но, сите ги почитуваат препораките на надлежните органи, сонуваат  да се вратат на терените онаму каде што се најубаво се чувствуваат. СПОРТМЕДИА го исконтактира членот на Вардар и македонски репрезентативец, Димитар Димитриоски, кој во моментов се наоѓа во Прилеп.

„Тешко е, навистина е тешко да си затворен дома. Никој не претпоставуваше дека ќе ни бидат ограничени движењата. Но, ќе здржиме, нема битка која не може да се добие“, вели Димитриоски.

Како го поминуваше времето?

„Секој играч во Вардар има добиено програма за тренинг. Дел ја исполнувам во домашни услови, неколку пати во неделата задолжително се искачувам на Маркови Кули и трчам во природа. Мораме да бидеме активни, сите сме во исчекување на подобри вести.Останатиот дел од денот гледам филмови, серии и од време на време пуштам по некој стар натпревар, и секако играм видео-игри и тоа во голема „доза“.

Македонскиот репрезентативец испрати порака до сите граѓани…

„Апелирам до сите, да останат дома, излегувањата да ги сведат на минимум, ова е единствениот начин да го сочуваме нашето здравје, но и здравјето на најблиските“.