Се чини дека летово ќе имаме мега – трансфер кога станува збор за кошаркарската Евролига. Имено како што пишуваат медиумите во Грција, најтрофејниот европски тренер, а тоа е Жељко Обрадовиќ, ќе се врати во Атина, во својот Панатинаикос.

Познато е дека во два наврати го одби газдата на Фенер Али Коч, да го продолжи договорот со турскиот гигант, па токму затоа и почна црната кампања во турските медиуми против него. Обрадовиќ со Пао го врзуваат супер спомени, дури петпати беше европски шампион, но мораше да замине поради несогласување со газдата Димитрис Јанакопулос, додека со неговиот татко Павлос, односите му беа одлични.

Сега Пао во последно време има проблем да се врати на старите победнички патеки, па време е Жељко да се врати во зелениот дел на Атина. Инаку по заминувањето на Рик Питино, покрај Обрадовиќ кандидати за тренер на Пао се и Игор Кокошков, Саша Обрадовиќ  и Андреа Тринкијери. 

Кога сме кај Фенербахче, најсериозен кандидат за наследник на Жељко е литванската легенда Шарунас Јасикевичиус, тој бил првиот пик на газда Коч. Интересно е тоа што Јасикевичиус беше еден од главните играчи на Пао во времето кога Жељко беше на клупата на атињаните.