Време е за домашен карантин, време е за чување на своето здравје, здравјето на своите најблиски. Во екот на коронавирусот кој прави ршум низ светот, и во нашата земја граѓаните се во домашен карантин. Еден од нив е селекторот на нашата фудбалска репрезентација Игор Ангеловски, кој строго се придржува на препораките на надлежните во овој период.

А специјално за СПОРТМЕДИА, покрај другото, ни опиша и како минува еден негов ден во домашен карантин.

Секако дека сум дома, заедно со своето семејство, децата Лука, Луна, Леа и сопругата Тања. Досадно е, тоа сите го знаеме, но нема друго, мора да се добие оваа битка. Затоа им порачувам на сите наши граѓани да бидат храбри, Македонија да биде храбра, и дека ќе го победиме и ова зло кое се вика коронавирус.  Инаку се навикнав на некое секојдневие, прво им помагам на децата во следење на онлајн училишната настава, потоа тука сум и за некои домашни потреби, а со Лука, Луна и Леа се релаксирам со играње на „Не лути се човече“. Се разбира дека голем дел од денот го минувам пред ТВ или компјутерот, се подготвувам, спремам тактики за тоа што не очекува. Ете, така ми поминува  секојдневието во време на коронавирусот“ истакнува Ангеловски.

И НИЕ ИМАМЕ НАШИ ХЕРОИ, ТИЕ ЈА ВОДАТ БИТКАТА ЗА СИТЕ НАС

Мрме, како и сите ние, многу добро знае кои се во моментов нашите херои…

Сакам еве јавно да им се заблагодарам на нашите доктори, медицински сестри, на сите  здравствени работници, на сите во болниците, на полицајците, на војската, пожарникарите, продавачките во маркетите, на новинарите, на сите кои се во првите „борбени редови“, во ова ситуација. Сите тие се нашите херои. Тие ја водат оваа битка за сите нас. Тоа треба да го почитуваме. И затоа ги повикувам сите наши граѓани ревносно да ги следат упатствата и строго да се држат до сите правила и прописи. Со тоа, ќе им помогнеме на нашите херои, а ќе си помогнеме и самите себе си што побрзо се ова да помине“.

ВЧЕРА ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ СОБИРОТ ЗА ДУЕЛОТ СО КОСОВО

Вчера, 23 март, Мрме требаше да ги собере нашите репрезентативци за дуелот си Косово кој требаше да се одигра на 26 март, а кој беше одложен.

Да, во овие моменти, да беше поинаку, веројатно сега ќе бевме на тренинг и ќе се подготвувавме за дуелот со Косово. Но што да се прави, фудбалот е важен, сите ние го сакаме она наше фудбалско секојдневие, но нели, нема цена за ниту еден човечки живот, тоа е најважно. Нареден термин е 4 јуни, јас се надевам дека дотогаш се ова ќе заврши, но треба да бидеме свесни и подготвени и за други сценарија. Искрено, со оглед на она што го гледам што се случува во Италија и Шпанија, тешко дека ќе ја добиеме оваа битка со Ковид-19 на светско ниво така брзо, но треба да се биде оптимист“.

СЕКОЈДНЕВНО СУМ ВО КОНТАКТ СО ИГРАЧИТЕ

Мрме секојдневно и во постојана  комуникација е со сите наши репрезентативци.

Да, сакам да знам како се ова го поднесуваат на психолошки план. Сите тие се во карантин, сите тие се придржуваат до програмата за тренинг дадена од своите клубови. Строго се придржуваат до препораките и мислам дека се ќе биде во ред. Свесни се што треба а што не треба да прават. Најважно е од сето ова да излезат здрави, иако во некои земји, како во Италија и Шпанија, а имаме таму повеќе фудбалери, навистина им е тешко. Тоа е најважно, а времето за фудбал кога тогаш ќе дојде, повторно Македонија пред полни трибини на Арената ќе победува“ рече на крајот Игор Ангеловски за читателите на СПОРТМЕДИА.