Премиерот на Јапонија Шинзо Абе постигнал договор со првиот човек на Интернационалниот олимписки комитет Томас Бах за одложување на Олимписките игри за наредната година, пренесуваат јапонските медиуми.

Претходно ИОК си даде рок од четири недели, да процени и да донесе одлука околу одложувањето на Игрите, а денеска во телефонски разговор Абе побарал од Бах одложување за 12 месеци. Сега е на ред уште ИОК да ја објави конечната одлука.

Токму на иницијатива на Јапонците целиот процес за одложување е забрзан за да се заштитат спортистите и навивачите од корона вирусот.

Претходно дел од членките на ИОК објавија дека нема да учевствуваат на Игрите ако тие не се одложат.

Побаравме од претседателот Бах Олимписките игри да ги одложиме за наредната година за да можат спортистите да се натпреваруват во најдобра форма, да воведеме повеќе безбедносни мерки за гледачите. Претседателот на ИОК Бах се сложи со тоа“, вели Абе кој дополни дека ова е паметна одлука.

ОИ никогаш не биле одложени до сега, но затоа биле откажани во 1916, 1940 и 1944 поради двете Светски војни. Студената војна предизвика бојкот на Игрите во Москва и Лос Анџелес во 1980 и 1984 година.