Шкендија – ТНС, прв меч од 1 .квалификациско коло во Лигата на Шампионите. Ден 10 јули 2018 година, македонскиот шампион најавува европски поход, прв ривал е првакот на Велс. Таа победа од 5:0 не е рекордна за некоја наша екипа во Европа, но рекорден е придонесот на Бесарт Ибраими, „кралот“ на стрелците во ПМФЛ. Една асистенција и дури четири голови, скор кој ниту еден наш фудбалер претходно и по него, го нема достигнато на еден европски натпревар. 

Емини во 14.минута ги „отвори“ велшаните, за да од 28 до 66 минута, Бесарт Ибраими просто „експлодираше“. Немилосрдно, на секои седум минути ја тресеше гостинската мрежа. Гол од близина, гол по негов продор, гол од слободен удар, на крај да заврши со велемајсторија. Репертоар кој го можат само Бесарт и малкумина слични на него. Фановите на тетовци таа вечер просто „збеснаа“ од радост. После мечот на пресот, Бесарт како и секогаш беше скромен. „Не сум важен јас и моите голови, поважна е победата на мојата Шкендија“.