Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров е во Нант, заедно со своето семејство. Како и во цела Европа, така и во оваа земја спортот е целосно „замрзнат“ поради коронавирус.

Македонската гол-машин за „Сител“ ја пренесе атмосферата во Нант.

„Веќе десетти ден како што беа превземени ригорозни мерки, секојдневно истите се заоструваат. Имаме формулар, доколку сакаме да излеземе од дома мораме да го потполниме истиот.

Постојат четири мерки: Доколку сакаш купиш работи, ако имаш домашен миленик да го прошеташ, ако се работи за здравје можеш да одиш до најблиската болница, ако си професионалец – да истрчаш надвор. Сето ова е регулирано, можеш да бидеш надвор само саат време, има контроли 24 часа во денот, те застануваат, те прашуваат, не треба да се оддалечиш 500 метри од домот.

Доста се строги мерките, Франција е земја која е културна и мерките се почитуваат.

Во маркет мора да оди еден од фамилијата. Вчера бев имаше една голема редица, не беше голема бидејќи сите држеа дистанца од три метри, исплашени, ги почитуваат мерките. Сите чекаат сето ова побрзо да помине, мора да се испочитува, не од еден или двајца, туку од сите граѓани“, вели Лазаров во разговор за „Сител“ и испрати порака:

„Се жалиме, мора да бидеме дисциплинирани доколку сакаме да го победиме овој проблем, ќе биде потешко, се надевам дека сите апели и пораки ќе допрат до нашите граѓани“.

Кире говореше и за откажувањето на сите настани.

„Сите лошо ја прифативме одлуката, сите мислевме дека ќе помине брзо, дека за два три дена ќе превземат мерки, сега мислата се менува. Во Франција сите аматерски лиги беа откажани. Не треба да се гледа како проблем, треба да ги почитуваме мерките. Ова време го искористив да ја запознам фамилијата, бидејќи сум отсутен долго време“.