На отворањето на новата северна трибина на Арената во Скопје, вечерта на 12 август 2009 година, на гости ни дојде Шпанија. Селекција која во тој момент беше европски првак, репрезентација која од 2008 до 2012 година беше европски и светски првак. Пријателски меч, кој засекогаш ќе остане во нашите сеќавања, иако загубивме со 2:3.

На трибините околу  25.000 гледачи, фантастична атмосфера. Селекторот Мирсад Јонуз мечот го започна со Николоски, Митрески, Новески, Г. Попов, Седлоски, Шумуликоски, Георгиевски, Деспотовски, Пандев, Наумоски, Стојков. Играа уште и Лазаревски, Ивановски, Мојсов, Гроздановски, Пачовски, Тасевски, А. Ибраими. За Црвената Фурија, која ја предводеше селекторот Висенте дел Боске, мечот го започнаа Реина, Пујол, Арбелоа, Пике, Капмдевила, Чаби Алонсо, Чави, Давид Силва, Казорла, Торес, Виља. Играа и Фабрегас, Бускетс, Риеира, Гуиза, Лопез, Монреал, Марчена. Којзнае, можеби најсилната репрезентација која некогаш стапнала во Скопје.

И замислете, ние против една таква селекција по првите 45.минути водевме со 2:0. Просто си поигрувавме со големите ѕвезди, кои очајно се гледаа меѓу себе не сфаќајќи што ги снашло. Веројатно никој во светот во тие години таа пресилна Шпанија не ја стави така во ќош, како што Пандев и другарите тоа го направија вечерта на 12 август 2009 година во првиот дел. Веќе во 8.минута Пандев стрелаше, за да во 33.минута погоди за зголемување на водството на 2:0. Публиката во еуфорија, солзи радосници, на нашата клупа неверица, на гостинската пак очај. Како ли само играше Македонија, и какви ли само голови даваше нашиот фудбалски феномен. Тоа беше македонска перфекција која траеше само 33 минути или само едно полувреме. Тоа беа нашите најдобри минути во историјата. Штета што таа перфекција траеше толку кусо.

Во продолжение од мечот, Шпанија постигна три голови, стрелци беа Торес, Пике и Риеира и успеа да го сврти резултатот на 3:2. Да се знае кој е кој.