Александар Васоски, стратегот на Вардар, на лидерот во ПМФЛ, како и сите останати граѓани на нашата земја е во домашен карантин, и строго се придржува кон препораките на здравствените власти за тоа како треба да се однесуваме во време на коронавирусот.

„Дома сум, заедно со своето семејство, децата и сопругата. Секако дека ги почитувам препораките, секако дека ми е досадно, но мора да се издржи, мора да помине овој тежок период за сите нас, за сите во светот. Сепак, нели, станува збор за нашето здравје, за здравјето на нашите блиски. Јас сум оптимист, милам дека ќе го пребродиме се ова, во некое идно време, кога Ковид-19 ќе остане зад нас, ќе се сеќаваме на него само како една непријатна епизода од нашите животи“ вели Васоски.

ВРЕМЕТО ГО КОРИСТАМ И ЗА УЧЕЊЕ

За тоа како тренерот на нашиот најголем клуб го користи слободното време, кое го има во неограничени количини, како го минува денот, Васоски истакнува…

„Како прво одам да пазарам се она што е потребно за домот, но со сите предострожности. Потоа гледам ТВ, ги анализирам игрите на мојот тим. Ново е тоа што од Германија ми пристигна стручна литература, па сега вниманието ми е кон тоа. Учам од неа за некои нови тактики, за некои нови методи во однос на тренинзите. Секако дека сум во постојан контакт со сите мои играчи, да видам што прават, дали ја одработуваат  тренажната програма што им е зададена во меѓувреме. Ништо друго не можеме да правиме освен да останеме дома и да се надеваме дека оваа битка со коронавирусот човештвото ќе ја добие што поскоро“ истакна за СПОРТМЕДИА шефот на струката на Вардар.