Ако беше се како што треба, ако не беше овој проклет вирус Ковид-19, денеска односно вечерва од 20:45 часот, на Арената “Тодор Проески“ ќе се играше историскиот, антологискиот меч меѓу Македонија и Косово. Меч од полуфиналето во баражот за пласман на ЕВРО 2020.

Секако дека тоа ќе беше спектакл, ќе имаше 35.000 гледачи на нашиот најголем стадион. Штета, а се можеше да биде поинаку. Место денеска да се радуваме на неговото величество фудбалот, место да коментираме дали Пандев или Елмас ќе го „тресат“ Косово, дали и како да ги стопираме Муричи и Рашица, ние ете се бориме, како цел свет, со таа Корона.

Денешниот ден, овој 26 март со месеци наназад беше планиран само за фудбал. Месеци наназад правевме планови како да бидеме слободни вечерва, како да најдеме некој билет плус за овој спектакл. Но ништо, Ковид-19 е посилен од нашата желба, посилен од желбата на фудбалските фанови во Европа и светот, кои со нетрение очекуваат кога оваа катаклизма ќе биде зад нас, за да се вратиме на оние наши секојдневни работи. На фудбалот пред се.

Новиот термин е 4 јуни, да се надеваме дека барем тогаш Арената „Тодор Проески“ ќе блесне во сиот свој сјај, со максималните 35.000 гледачи, а Пандев и другарите ќе бидат бодрени со – Македонија, Македонија…

Да сме само здрави и живи, ќе го дочекаме и тој 4 јуни, или било кој друг датум.

Ние сме подготвени, само ова зло да пројде…