Дарко Панчев пред 30 години беше светска марка во фудбалска Европа. Беше „Златна копачка“, беше еден од најдобрите, ако не и најдобар голгетер на Стариот континент во времето кога играше во Ц. Звезда. Токму тој во Бари, со гол од пенал им  го донесе „Ушлето“ на црвено – белите. Ние бевме горди на него и на Илија Најдоски , но најмногу бевме горди на Дарко вечерта на 4 март 1992 година. Ц. Звезда тогаш како европски првак гостуваше во Атина во меч од групната фаза во Лигата на Шампионите. Гостуваше кај тогашниот првак на Грција, тимот на Панатинаикос. На граница, иако Панчев беше со останатите играчи од Ц. Звезда, имаше проблеми. Како Македонец се бараше од него нешто да потпише на патната исправа, но Панчев тоа не сакаше да го стори. Постоеше опасност дури и да не биде пуштен во Грција, но сепак влезе. А оваа „приказна“, оваа грчка провокација, нашиот Даре само го налути, па тоа им го „наплати“ со камата таму каде што треба, каде штој тогаш беше најсилен, на теренот. И така и беше. Се до 70.минута резултатот беше 0:0, за да тогаш Дарко еден центаршут од левата страна го спроведе во голот. Шок на „Спиридон Луис“ и тие 60.000 гледачи. Петнаесетина минути подоцна, токму тие Грците имаа чест да го видат голот на кариерата на Дарко. Кога од околу 30 метри стрелаше на фантастичен начин под пречката на домашниот гол. По тој гол Грците се чуствуваа бедно. По тој гол  следуваше познатиот танц на Дарко, едноставно како сакаше да им каже на Грците:

„Еве ништо не ми можете, јас сум посилен од вас. Јас сум МАКЕДОНЕЦОТ… кој ве уништи…“. 

А сите ние покрај ТВ екраните „полудевме“ од среќа, горди до небо бевме на нашиот Даре.

 И на крај, кога ќе го гледате видеото,пуштете го гласот на најсилно да чуете како познатиот коментатор Милојко Пантиќ коментира, како “збеснува“ по двата гола на Дарко.