Подготви: Марија Ковачева

„Ретрото“ никогаш не излегува од мода особено ако станува збор за нешто сензационално, незаборавно…Во денови без спорт поради коронавирус, секојдневната „доза“ја надополнуваме со „мотање“ на стари натпревари од настапите на репрезентациите и клубовите.

Кошаркарска Македонија на репрезентативно ниво во изминатите години нема многу со што да се пофали. Од 2011 година па наваму, чекоревме назад наместо напред. Засега Литванија и она историско четврто место останува најглемиот успех во овој спорт.

Секој од нас, вистинскиот зависник од кошарката, додека ги чека подобрите денови, душата ја „рани“ со видео-снимки и фотографии од ЕП 2011 година.

Нашата рубирка „OLD BUT GOLD“ ја збогативме со разговор и тоа со селекторот на таа генерација, Марин Докузовски, најуспешното кошаркарско име во Македонија.

Не сакавме да објавиме само видео од тројката на Влатко Илиевски или останатите мечеви, го замоливме Докузовски да се врати девет години наназад и да ни раскаже детали од деновите минати во Литванија.

„Искрено, „карантинот“ кој го минуваме е сличен на оној во Литванија“, беше првиот коментар на Докузовски, кој продолжи:

„Првиот хотел каде што бевме сместени беше далеку од цивилизација, едноставно немаше каде да прошеташ или пак седнеш на кафе. Ние тренерите немавме слободно време, доаѓавме доцна од натпреварите, секоја минута ни беше важна, веднаш подготвуваме тактика за следниот противник.

За разлика од тие денови од Литванија, сега додека сум дома постојано наоаѓам по некоја работа и не ми е досадно“.

На искусниот стратег кој од оваа година е главен на стручниот штаб во Работнички, сликата на нетрпение во денови на изолација му е добро позната.

„Македонија на ЕП 2011 година остана 30 денови. Првиот план беше да си одиме следниот ден по дуелот со Русија во вечерните часови, но ние побаравме да се вратиме утрината. Не се издржуваше, не можевме да останеме ниту пет часа повеќе. Играчите не можеа да издржат, сите сакаа да се вратат дома, бевме емотивно испразнети.

Секој ден беше индентичен: доручек, тренинг на кој ја поставувавме тактиката, ручек, видео-анализа, поаѓање на за натпревар, враќање во хотел, вечера, после полноќ следеше подготвување на тактиката за следниот противник.

Ние тренерите немавме многу време за спиење, одмаравме кратко после ручекот. Беше напорно за сите, салите беа на 50 километри од нашиот хотел, па моравме да тргнеме многу порано. Само во Каунас не патувавме многу, салата беше близу“.

Две песни биле вистински хит во тие денови, во нашиот автобус имаше ритуал, со една песна се одеше накај сала, додека со друга се излегувало.

„Покрај мотивот да играш за својата земја, ние имавме едно ЦД со македонски песни. Кога се возевме накај сала ја пуштавме песната „Едно име имаме“ од Јонче Христовски, додека излегувавме од автобус „Отвори ми бело Ленче вратата“.

За нас беше задолжен еден ист шофер, кој навистина не засака, па кога си одевме, не замоли да му го оставиме ЦД-то, ги научи песните. На големо задоволство му ја исполнивме таа желба“.

ИМА ЕДНО ПРАВИЛО ВО КОШАРКАТА НЕ ШУТИРАЈ ТОЛКУ ПАРАБОЛА ЌЕ МЕ ФАТИ СРЦЕ

Од возбуда до возбуда, секој минат ден во Литванија беше вистински празник на душата за сите Македонци, но само репрезентативците и стручниот штаб најдобро знаат колку е тешко да одиграат тие минути на теренот.

„Не можам да кажам дека очекувавме победа над Литванија, беше нереално. Оваа репрезентација беше домаќин, имаа многу вложено и најважно игравме пред 15.000 публика. Од друга страна ние пред оваа средба веќе бевме прежалени, притисокот беше на нивна страна. Знам дека им реков на играчите дека секое лошо има и добро, откако беше јасно дека ќе играме против нив“, вели Докузовски.

Онаа тројка на Влатко Илиевски е незаборавна…

„Одигравме добро во одбраната примивме 65 коша. Нашата игра се базираше преку Мекејлеб, кој беше во одлична форма. Сакавме последниот напад да го играме преку него, Литванците знаеја дека ќе биде така. Но, последниот шут во тој напад го имаше Илиевски.

Има едно правило во кошарката, не шутирај толку парабола ќе ме фати срце. Додека бев тренер никој не смееше викне браво или кош се додека топката не ја мине мрежичката.

Кога ја даде тројката го погледнав семафорот, имаше уште време за играње. Додека не ги видам сите нули на семафорот натпреварот не е завршен, тоа е мое мото и кога предноста е поголема. Кошарката е таква игра, за делови од секунда може да те направи многу среќен и многу тажен.

Добро го имавме анализирано нивниот напад под под кошот, бевме договорени да не поентираат од таму, иако Мекејлеб малку задоцни. Подобро беше да шутираат од надвор, беа под притисок“.

Македонија успеа да се пласира во полуфиналето, а таму не ја искористивме шансата да ја земеме бронзата.

„Точно е, но нема за што да жалиме на Македонија и подаривме убави кошаркарски денови, посакувам што поскоро да се вратиме на европските првенства“, заврши Докузовски.

Искусниот стратег останува да биде запишан во историјата на македонската кошарка со златни букви, исто како сите оние кои се најдоа во Литванија.