На 19. овој месец КФСМ на својата официјална страница информираше дека на видео-конференциската средба со десетте клубови учесници на Првата лига им наложи на истите во рок од 24 часа да испратат предлози околу функционирање на првенството во Македонија, откако ситуацијата со коронавирус го блокираше спортот.

Најавите на министерот за здравство, Венко Филипче дека најтешките денови во битката со „Ковид-19“ ќе бидат во април испрати јасна порака до клубовите и федерациите, спортот ќе мора да мирува барем уште еден месец.

Токму по оваа изјава, КФСМ соопшти дека во најкус можен рок ќе се огласи по темата – продолжение на првенството. Очекувањата беа дека токму оваа недела ќе се огласат на својата официјална страница, особено ако се земе во предвид зборот “КУС РОК“.

Но, до овој момент немаше ништо објавено. Ситуацијата е посложена од што изгледа, прекинот на првенството е најдобро решение оти голем дел од клубовите останаа без своите странски засилувања, но проблемот е прогласување на шампион, како и новите учесници во Првата лига следната сезона, кои доаѓаат од вториот ранг на натпреварување.

Табелата во „елитата“ вели дека МЗТ Скопје, актуелниот шампион има два бода повеќе од Работнички и Гостивар, па на никого и на оние кои се под овие тимови не им одговара титулата да биде предадена на било кого.

Понеделник е нова работна недела, и нова надеж дека кусиот рок ќе биде исполнет.