Коронавирусот направи вистински хаос и во спортот. Сите активности се „замрзнати“, поради пандемијата „Ковид-19“ одложени се големи настани како Олимпијадата и ЕУРО во фудбал, истите се преместени за следната година.

Лошата ситуација ги „урна“ плановите на селекторот, Александар Тодоров и неговите избраници. Нашата репрезентација веќе имала договорено настап на меѓународен турнир во Рогашка-Слатина во Словенија. Покрај Македонија и домаќинот учество требало да земат и тимовите на Италија и Венецуела.

Овој меѓународен турнир требало да се одигра од 11-13 јуни, но поради новонастанатата ситуација, тешко дека ќе се оствари.

Тодоров во интервју за СПОРТМЕДИА по завршување на првите два квалификациски дуели со Естонија и Русија за пласман на ЕП 2021 година најави дека во јуни планира да ги собере репрезентативците и да одиграат неколку мечеви. Добро е познато дека Македонија следните две средби за ЕУРО 2021 ги игра во ноември, Тодоров апелираше дека нашиот најдобар национален тим не смее да си дозволи голема пауза доколку сакаме да оствариме успех.

Но, тогаш никој не предвидуваше дека светот ќе биде заробен во „канџите“ на коронавирусот.