Со оглед на светската пандемија со коронавирусот и принудниот прекин на сите светски спортски активности, меѓу кои се и првенствата во АБА и АБА2, управата на МЗТ Скопје денеска испрати писмо до раководството на регионалното натпреварување во кое го објасни својот став во однос на евентуалниот прекин на сезоната, но и на изгледот на лигите во следниот шампионат.

Главното барање е кога веќе е сѐ поизгледно дека актуелното првенство нема да може да се доигра, а со тоа и патниците од АБА2 во АБА нема да може да бидат решени на спортски начин, тогаш најдобро ќе биде натпреварувањето да се врати на своите основни принципи, а тоа е националниот клуч односно застапеност на сите држави од поранешна СФРЈ во највисокиот ранг натпреварување.

Писмото до челниците на АБА ви го пренесуваме во целост.

„Почитувани, првично, би сакале да посакаме сите во семејството наАБА-лига да останат безбедни и здрави во овие тешки времиња, како поради пандемијата со коронавирус така и поради и повеќекратните силни земјотреси што го погодија Загреб, со желба што е можно поскоро сите да се вратиме на она што сите нас се радува – кошарката.

Иако сме свесни за тежината на ситуацијата, би сакале да го свртиме вашето внимание на нашето мислење за тоа што би било по завршувањето на оваа непријатна ситуација во која се најдовме сите и тоа од позиција на клуб, кој е еден од основачите на оваа сегашна АБА-лига и кој сè уште е еден од ко-сопствениците на ова натпреварување.

Јасно е дека и ние, како и сите други, сакаме сите дилеми да се решат на спортски начин и на терените, како во АБА, така и во АБА2-лигата, каде што настапуваме. Но, во исто време, сме свесни дека развојот на оваа ужасна пандемија не оди во прилог на оваа наша желба, што, пак, нè прави свесни дека раководството на лигата ќе мора во блиска иднина да донесе одлука за тоа што би се случило кога и официјално предвреме ќе се прекине сезоната.

Ставот на МЗТ Скопје Аеродром е дека доколку дојде до момент првенството административно и предвреме да се заврши, како и да се направи некаков компромис за тоа како ќе изгледа АБА-лигата следната сезона, во тој случај нашиот клуб никако не смее да биде заобиколен во таквите комбинации. Нашето размислување е дека ова заедничко натпреварување мора да се врати на своите корени,односно на основните принципи од основањето, дека тоа, пред сè, е лига на екипи од СИТЕ држави од територијата на поранешна СФР Југославија, во која треба, па дури и мора да има и тим од Македонија.

Наше размислување, а воедно и наше барање е дека ако во некој случај се донесе одлука за административно проширување на првата АБА-лига, тогаш задолжително би морало да се смета и на нашиот клуб како на еден од потенцијалните тимови за проширување на натпреварувањето и тоа како единствена македонска екипа, која скоро една деценија е дел од ова регионално натпреварување.

Сигурни сме дека тоа дефинитивно го заслужуваме со нашиот квалитет, но и со организацискиот и логистички капацитет кој кој располагаме. Имавме несреќа да испаднеме од АБА-лигата токму во моментот кога таа се трансформираше, односно „затвори“ и веруваме дека треба да бидеме земени предвид за евентуално административно проширување на лигата, во ситуација кога на спортскиот терен не можеме да се бориме за враќање во елитата“, се вели во писмото на МЗТ Скопје до предводниците на регионалното натпреварување.