🖊️ ПОДГОТВИЛ: ОГНЕН ДОЈЧИНОВСКИ

На овие наши простори, преселбата и печалбарството одсекогаш биле заштитен знак. Со векови наназад па се до ден денес. Македонски, Албанци, Турци, Срби, има насекаде во светот, заминати сега, или пред педесет години. Вечната тема пак од фудбалски аспект, била е и ќе биде кој од тие нашинци по потекло ќе ја одбере Македонија како своја матична земја, и ќе заигра, ќе го засили нашиот национален тим. Низ годините се појавија многу имиња, некои прифатија некои не. Одсекогаш јас и мојот драг пријател Јован Трпчевски инаку експерт на темава (потенцијални засилувања од дијаспората),  чии сугестии со задоволство ги прифатив и овојпат и има голем удел во овој напишан текст велевме, ако е „од надвор“ треба да е некое „играчиште“ инаку зошто би зафаќал место на некои кои е дел од нашиот државен шампионат. Токму затоа, ова е текст посветен на оние кои Македонија не ја одбраа за своја репрезентација, а имаа можност за тоа, а со својот квалитет дефинитивно ќе не направеа подобри низ годините во тоа нема дилеми. Ова е составот на Македонија, кој никогаш не заигра за неа, а Спортмедиа го состави специјално за вас, само како илустраија какви не звезди Македонија можеше да има во своите редови, доколку секако прифатеа и се повикаа на своите корени.

Наше не е да судиме зошто не го сториле тоа. Причини може да има повеќе. Најприфатливата за нас е што грото од овие фудбалери беа дел од сериозни репрезентации, кои играа европски првенства, мундијали, а имаме дури и освојувачи на златни медали. Дел од нив не можеа поради административни проблеми, дел никогаш не беа повикани поради наша неагилнолост (читај вина), а дел едноставно не сакаа да го направат тоа.

Ова се најдобрите потенцијални единаесет на Македонија на сите времиња, а секако и нивните резерви.

  1. Орхеј Ока Николов 25.05.1974 Германија

Легенда во Бундеслигата. Своевремено еден од најдобрите голмани во инаку земјата на голманите Германија. Жива легенда на Ајнтрахт Франкфурт каде што забележа 379 настапи.

Одамна ја заврши кариерата, а сега работи како помошен тренер во Филаделфија Јунион,САД, по потекло е од околината на Струмица, односно од село Дабиле. На сениорско ниво има настапувано во Германија (Ајнтрахт Франкфурт) и САД/Канада (Филаделфија Јунион, Форт Лодердејл Страјкерс)

Има 5 настапи за А репрезентацијата на Македонија на пријателски напревари, а се откажа од македонскиот пасош во корист на германскиот и поради тоа не продолжи да брани за Македонија.

  1. Шкодран Мустафи 17.04.1992 Германија

Светскиот првак со репрезентацијата на Германија, Шкодран Мустафи дефинитивно е еден од најдобрите фудбалери кој не ја одбра Македонија за негова матична репрезентација. Во моментов настапува во Арсенал,Англија, а по татко е по потекло од село Симница,Гостивар. Има 20 настапи за А репрезентацијата на Германија и два постигнати гола, на сениорско ниво има настапувано во Англија (Евертон, Арсенал), Италија (Сампдорија) и Шпанија (Валенсија). Има освоено еден куп во Англија со Арсенал, има освоено Светско Првенство со репрезентацијата на Германија во 2014 година и Куп на Конфедерации во 2017 година, има настап на Европско Првенство во 2016 година, а иако беше повикан за настап за нас сепак го одби повикот од Македонија за да настапува за Германија.

  1. Марек Јанкуловски 09.05.1977 Чешка

Марек Јанкуловски никогаш не беше повикан за Македонија. Дали би не одбрал нас, никогаш нема да дознаеме. Сепак, еден од најдобрите Чешки фудбалери на сите времиња ја заврши кариерата преполна со трофеи.  По татко е Македонец со потекло од Егејска(Беломорска) Македонија при што татко му од СР Македонија (денешна Република Македонија) емигрирал во Чешка. Забележа 77 настапи за А репрезентацијата на Чешка и 11 постигна гола. На сениорско ниво има настапувано во Чешка (Бањик Острава) и Италија (Наполи, Удинезе, Милан). Има освоено една Лига на Шампиони, еден УЕФА Супер куп, еден титула Светски клупски првак и една титула во Италија со Милан. Избран за фудбалер на годината во Чешка во 2007 година, настапи со репрезентацијата на Чешка на Европско Првенство во 2004 и 2008 година како и на Светско Првенство во 2006 година.

  1. Немања Матиќ 01.08.1988 Србија

Големата звезда на Српскиот фудбал е несудена желба и на нашата фудбалска репрезентација. Дали ние некогаш имавме шанса да го донесеме Немања Матиќ да игра за нас, или пак тој во било која варијанта ќе ја одбереше Србија ние можеме само да нагаѓаме.

Во моментов настапува во Манчестер Јунајтед. По мајка е Македонец со потекло од село Волковија,Тетово.  Актуелен репрезентативец на Србија со 48 настапи за А репрезентација и два постигнати гола. На сениорско ниво има настапувано во Словачка (Кошице), Холандија (Витесе), Португалија (Бенфика) и Англија (Челзи, Манчестер Јунајтед). Има освоено еден куп на Словачка со Кошице, една титула, еден куп и два лига купа во Португалија со Бенфика, три титули, еден куп и еден лига куп во Англија со Челзи, избран за фудбалер на годината во португалската лига во 2012 година и за фудбалер на годината во Србија за 2014 и 2015 година. Настапи со репрезентацијата на Србија на Светското Првенство во 2018 година, никогаш не бил контактиран за настап за Македонија.

  1. Саша Огненовски 03.04.1979 Австралија

Уште еден за нас недостапен играч кој направи сериозна кариера но надвор од Европа. Во моментов е тренер во Данденонг Сити,Австралија, а по татко е Македонец. Има 22 настапи за А репрезентацијата на Австралија и еден постигнат гол. На сениорско ниво има настапувано во Австралија (Престон Лајонс, Мелбурн Најтс, Фокнер Блуз, Квинсленд Рор, Аделаида Јунајтед, Сиднеј ФЦ), Грција (Панахаики), Јужна Кореја (Сеонгнам) и Катар (Ум Салал). Има освоено една Лига на Шампиони на Азија и еден куп на Јужна Кореја со Сеонгнам.

Избран е за фудбалер на годината во Азија во 2010 година. Настапил со репрезентацијата на Австралија на Азискиот Куп во 2011 година, прифати повик од Македонија во 2009 година но, не настапи поради ненавремено издавање на документи од страна на македонските власти.

  1. Игор Ташевски 25.07.1972 Србија

Еден од оние кои беа дел од воениот период на бивша Југославија и оние поделби на поединечни репрезентации. Стандарден во Партизан на почетокот на деведесетите години од минатиот век. По татко е Македонец со потекло од околината на Кавадарци и беше младински репрезентативец на СФР Југославија непосредно пред нејзиниот распад.  На сениорско ниво има настапувано во Србија (Партизан, Вождовац) и Шпанија (Виљареал, Елче, Спортинг Хихон); има освоено две титули и еден куп на СР Југославија со Партизан. Ја одби поканата од Македонија со надеж дека ќе биде повикан за настап во тогашна СР Југославија но, никогаш не заигра за нив.

  1. Миле Стерјовски 27.05.1979 Австралија

Миле Стерјовски е еден од оние нашинци од Австралија кои играа во Европа и успеаа. Учесник е на Мундијалот во Германија во 2005 година, и на наша жал собра 43. настапи за Австралија.

По настапите во родната Австралија, интернационалната кариера ја започна во Француски Лил, а потоа и во Швајцарски Базел. Дерби Каунти беше последниот негов Европски клуб пред да се врати во Австралија.  Беше шампион на Австралија во 1999 година со Сиднеј, потоа со Базел беше првак во 2005 година, а на интернационално ниво го освои купот на Океанија во 2004 година.

  1. Иксел Османовски 24.02.1977 Шведска

Идолот и соиграчот на Златан Ибрахимовиќ од неговите почетоци во Шведски Малме. Роден во Шведска во Малме, во истиот кварт Розенгард како и Ибрахимовиќ, кој на стартот на својата кариера ќе изјави дека сака неговата кариера да се одвива по стапките на неговиот идол, Иксел Османовски кој тогаш замина од Малме. Настапуваше во Италија за екипите на Бари и Торино, а во 2002 година кратко и за Француски Бордо. Забелажа петнаесет настапи за Шведска и беше дел од Европскиот шампионат во 2000 година.

  1. Вељко Пауновиќ 21.08.1977 Србија

Вељко Пауновиќ е еден од оние кои може да жали што не заигра за нас. Роден е во Струмица и по мајка е Македонец. Има еден настап за А репрезентацијата на СР Југославија и еден настап за А репрезентацијата на Србија и Црна Гора, обата на пријателски натпревари и еден постигнат гол и до крајот на кариерата имаше опција да заигра за нас. На сениорско ниво има настапувано во Србија (Партизан), Шпанија (Марбеља, Атлетико Мадрид, Реал Мајорка, Реал Овиедо, Тенерифе, Хетафе, Алмерија), Германија (Хановер), Русија (Рубин Казањ) и САД/Канада (Филаделфија Јунион). Има освоено една титула во Шпанија со Атлетико Мадрид и една титула и еден куп во Србија со Партизан. Како селектор на Србија има освоено Светско Првенство за фудбалери до 20 години во 2015 година. Иако доби поканата од Македонија не одби со надеж дека ќе биде повикан за настап за Србија  никогаш не заигра за нив на официјален меч. Во неговата генерација имаше сериозно квалитетни играчи кои настапуваа за нив, а за Пауновиќ реално во Македонската репрезентација во тие години имаше место. Сепак, тој никогаш Македонија не ја разгледа како сериозна  опција.  Во моментов работи како тренер во Чикаго Фајр,САД.

  1. Блерим Џемаили 12.04.1986 Швајцарија

Еден од плејадата на играчи кои во изминатиот период настапуваа за Швајцарија, а имаа потекло од овие наши простори. Џемаили е роден во Тетово. Сега веќе има 69 настапи за А репрезентацијата на Швајцарија и 11 постигнати гола. На сениорско ниво има настапувано во Швајцарија (Цирих), Англија (Болтон), Италија (Торино, Парма, Наполи, Џенова, Болоња), Турција (Галатасарај), САД/Канада (Монтреал Импакт) и Кина (Шенжен). Има освоено две титули и еден куп во Швајцарија со Цирих, една титула, еден куп и еден супер куп во Турција со Галатасарај, два купа во Италија со Наполи.  Долгогодишен соиграч на нашиот Горан Пандев со кој кариерите им се испреплетеа. Настапи со репрезентацијата на Швајцарија на Светско Првенство во 2006, 2014 и 2018 година како и на Европско Првенство во 2016 година; никогаш не бил контактиран за настап од наша страна. Иако многумина од селекторите низ годините особено оние од младински категории тврдеа дека Џемаили бил контактиран односно не сакал да заигра сепак во интервјуата дадени за нашите медиуми низ годините Џемаили потврди дека Македонија никогаш не го контактирала.

  1. Адмир Мехмеди 16.03.1991 Швајцарија

Роден во Гостивар Адмир Мехмеди има многу барем за нас слична биографија како и Џемаили. Актуелен репрезентативец на Швајцарија со 63 настапи за А репрезентација и 9 постигнати гола.  На сениорско ниво има настапувано во Швајцарија (Цирих), Украина (Динамо Киев), и Германија (Фрајбург, Баер Леверкузен, Волфсбург). Има освоено една титула во Швајцарија со Цирих. Настапил со репрезентацијата на Швајцарија на Светско Првенство во 2014 година и на Европско првенство во 2016 година. Сепак за разлика од Џемаили, Мехмеди го доби и го одби повикот од Македонија за да настапува за Швајцарија.

  1. Владимир Влада Аврамов – Србија
  2. Семих Каја – Турција
  3. Риза Дурмиши – Данска
  4. Сердар Азиз – Турција
  5. Александар Игњовски – Србија
  6. Алмен Абди – Швајцарија * (Македонец-Горанец)
  7. Јован Кировски – САД
  8. Миралем Сулејмани – Србија * (Македонец-Горанец)
  9. Ивица Илиев – Србија
  10. Семих Шентурк – Турција
  11. Дејан Кулушевски – Шведска
  12. Дејан Стојановиќ – Австрија