✍️ Пишува: Марија Ковачева

Македонија како и останатите земји во светот ја води битката со коронавирус. Доколку сите ги почитуваме препораките на надлежните може да се надевам дека наскоро слободно, без страв ќе можеме да шетаме низ улиците.

Во денови кога здравјето е на прво место и само една грешка може да не чини скапо, ни требаат вистински примери на совесни граѓани. Се чини најдобар пример за тоа се спортистите. Еден од нив е македонскиот репрезентативец, Стојан Ѓуроски, по враќањето од Франција, ги испочитува препораките на надлежните беше во 14-дневна самоизолација.

📱 СПОРТМЕДИА веднаш го исконтактира стандардниот член на нашиот најдобар национален тим. Вели дека очекувал да биде полошо и потешко…

„Искрено, очекував да биде полошо. Ништо не е тешко кога се мора. Состојбата со коронавирус е поголемо од еден човек, индивидуа…мора да размислуваме прво за сопственото здравје, здравјето на семејството, на пријателите, па и за здрвајето за оние кои не ги познаваме.

Препораките и апелите кои ги даваат надлежните органи мораа да се сфатат сериозно, ова е единствениот клуч до слободата, само на овој начин можеме да се извлечеме и да ги дочекаме оние подобри денови“, ни рече Ѓуроски, кој го „фативме“ додека правеше ручек.

Како ги минуваше деновите во изолазија, беше ли тешко да си одвоен од семејството, твоите сакани?

„Животот одвоен од семејството за мене не е ништо ново, можеби затоа ми беше полесно. Долго време веќе не сум во Македонија, па оттука навиките да се грижам за себе ми се добро познати.

Овие 14 дена додека сум во карантин имав чувство како да сум во Франција, а не во Македонија. Постојано комуникацијата се одвиваше преку интернет и со семејството и со пријателите за да можеме да се видиме на камера.

Денот го имав добро организирано, читав книги, вежбав, си купив плеј-стејшн…“.

Твојот карантин завршува денеска…

„Токму така, денеска завршува мојот карантин, но дома ќе останам уште еден ден, бидејќи во среда имам закажано тестирање. Не сакам да ризикувам, еден ден ништо не менува, на овој начин само ќе бидам уште посигурен“.

Репрезентативецот ја пренесе ситуацијата во Франција…

„На почетокот никој не го сфати вирусот сериозни, никој не ги почитуваше апелите на властите да останат дома, парковите беа преполни, рестораните отворени…

Ситуацијата стана полоша, коронавирусот многу брзо се прошири. Беше понеделник, 16-ти март, отидов до маркет да земам некоја резерва, тогаш слушнав најави дека ќе следи обраќање на Макрон за ситуацијата и дека за два дена ќе ги затворат границите. Веднаш стапив во контакт со Војдан тој ми кажа дека веќе замал карта преку Брисел, не чекав, најдов билет за да се вратам истиот ден. Веднаш се спакував и заминав на аеродром“, вели Ѓуроски, кој оваа сезона беше член на Иври, дали ќе остане во истиот тим ќе биде познато по стабилизирање на состојбата со коронавирус, сега никој не размислува на спорт.