Премиер лигата работи на амбициозен план за продолжување на сезоната на почетокот на мај со тоа што ќе се игра пред празни трибини и сезоната да се заврши до 12 јули. Кампањата мора да биде завршена до 16 јули за да се избегнат проблемите со милионските телевизиски договори, пренесува „Дејли меил“.

Во случај да не се доигра сезоната ќе биде погубно за Премиер лигата која ќе мора да враќа пари на телевизиите кои ги откупија ексклузивните права за пренесување на натпреварите. Скај, БТ и интернационалните бродкастери би барале отштета од 762 милиони фунти.

За оваа идеја повторно ќе се дискутира на наредниот состанок во петок преку конференциска врска со претставници на сите 20 клубови, но ќе треба и одобрените од Владата и од Министерството за здравство.

Со овој план би се избегнале финансиските загуби и потенцијалните правни закани предизвикани со корона кризата.

Владата во Обединетото Кралство двапати ја одложи рестарт на сезоната. Првиот датум беше 4 април, а потоа пролонгиран за 30 април. Претставниците на Премиер лигата не сакаат и трето одложување.