Една од легендите на РК Вардар, крилото Тимур Дибиров, во интервју за „7 метри“ зборуваше за своите почетоци во ракометот и остварувањето на ракометниот сон во дресот на скопските „црвено-црни“.

„Во местото каде што живеев немаше други спортски екипи, освен ракометна, па како и многу деца, така и јас почнав да тренирам ракомет“, вели Дибиров.

Тој дебитираше за Чеховски Медведи во 2004 година, а доаѓањето во Скопје беше остварување на сонот за освојување на титулата во Лигата на шампионите.

„Мојата животна цел беше да ја освојам титулата во Лигата на шампионите, иако знаев дека тоа не е лесно. Не можев да поверувам дека мојот сон стана реалност, но само јас знам колку труд, трпение и емоции вложив за да стигнам до врвот. Тешка е ситуацијата сега, но Вардар ми помогна мојот сон да стане реалност и јас сум многу благодарен за сите моменти минати тука. После се што поминавме, јас морав да останам и да му помогнам на клубот во тешките моменти“, дополни вардаровото крило.