Светската куќа на фудбалот, ФИФА работи на создавање на „Маршалов план“ за да ги спаси клубовите од претстојниот финансиски колапс поради глобалната пандемија на коронавирусот КОВИД-19.

ФИФА има 2,7 милијарди американски долари финансиски резерви и голем дел од нив би можеле да им помогнат на федерациите и на клубовите со потешкотии.

Портпаролот на ФИФА за Ројтерс изјави дека организацијата е свесна дека „ќе има сериозни финансиски проблеми како резултат на ппандемијата“.

„Ова се заканува да ја наруши можноста на членките на ФИФА и други фудбалски организации, како што се лиги и клубови, да развиваат, финансираат и управуваат со фудбалските активности на сите нивоа, вклучувајќи професионални, непрофесионални, младински“, рече портпаролот на ФИФА, додавајќи дека заради силната финансиска позиција, ФИФА има должност да им помогне на оние кои имаат потреба.

Точната форма и детали за помошта сè уште не се јасни, но се очекува да бидат структурирани до крајот на неделава, по дискусиите со федерациите и конфедерациите.

На крајот на Втората светска војна, САД обезбедија грантови од 13 милијарди американски долари за земјите во Западна Европа за обнова на нивните економии што пропаднаа од глобалниот конфликт. Планот го носеше името на државниот секретар на САД, Џорџ Маршал, па оттука и планот на ФИФА соодведствува со него.