Баже Илијоски, фудбалската икона на Работнички, во летото 2015 година беше во топ – форма. Тој и неговите соиграчи за малку, за еден гол, ќе се пласираа во групната фаза во Лигата на Европа. Но сепак и тој пласман во плеј-офот во ЛЕ, вторпат во историјата, беше супер успех на Работнички. Откако ги елиминира Флора и Јелгава, дојде на ред двомечот од 3.квалификациско коло во ЛЕ со Трабзонспор, еден од најголемите клубови во Турција. Тренерот Шота Арвеладзе во Скопје ги донесе Чакир, Меџани, Кардосо, Илмаз, Дурсун и останатите. Тренерот на „романтичарите“ Игор Ангеловски исто така имаше силна екипа, тука беа Божиновски, Илиевски, Силјановски, Ристевски, Цикарски, Петровиќ, Вујчиќ, Сахити, Илијоски, Алтипармаковски, Чума Анене, потоа Трајчевски, Маркоски, Митров, Ефремов….

Се разбира дека турците беа големи фаворити, но Работнички си е Работнички. Се играше 23. минута, таа вечер на 20 јули  2015 година, кога Баже доби топка во празно на половината на гостите, дојде на околу десет метри од голот на Чакир, и стрелаше како само тој знае, за водство, за победа од 1:0, за еуфорија на околу 10.000 гледачи на Арената во Скопје.

Со тие 1:0 се отиде во реваншот во Трабзон, а таму Кире Маркоски со гол во второто продолжение израмни на 1:1 и го однесе Работнички во плеј – офот. Да споменеме дека во сезоните 2013/2014 и 2014/2015 само Работнички знаеше како да се носи со „милионерските“ Шкендија и Вардар. Предводен од Мрме, од претседателот Драган Поповски, Работнички од четири можни освои дури три титули, во првенството и купот, и еднаш се пласира во плеј – офот во ЛЕ. Тоа беа славни времиња за клубот од Градски парк, за тимот предводен од капитенот Баже Илијоски.

Утредента, тогаш спортскиот весник „Македонски спорт“, искочи со фантастична насловна, насловена со „Блаженствено“.